Шкотскиот Парламент гласа за подршка за нов референдум за независност

Владиниот предлог за добивање надлежности за спроведување нов референдум за независност на Шкотска е подржан од парламентот, соопшти весникот „Нешенел”.

Мнозинството пратеници гласаа за подршка на предлогот со аргументот дека „треба да се одржи референдум за да може народот на Шкотска да одлучи дали сака таа да стане независна држава”.

Шкотската Влада предложи новиот референдум да се одржи во текот на оваа година, но ќе треба да добие овластувања од Вестминстер за неговото спроведување – постапка која британскиот премиер Борис Џонсон  вети дека ќе ја блокира.

За подршка на предлогот на шкотската Влада 64 пратеници гласаа „за”, наспроти 54 „против” и без „воздржани”.

За време на дебатата шкотската премиерка Никола Старџан изјави дека е неопходен втор круг гласање за независност на земјата, за Шкотска да се заштити од последиците од чекорите на конзервативната британска Влада и Брегзит.

Два дена пред Обединетото кралство да ја напушти Европската унија Старџан изјави дека независноста е единствениот реален начин Шкотска да биде дел од Европа.

-Ако се има предвид тоа што го предлагаат ториевците, решението за независност не само што е законско, туку е и неопходно, рече таа.

Старџан се осврна и на министрите од британската Влада, обвинувајќи ги дека се „ целосно глуви за интересите, потребите и гласот на Шкотска”.

Треба да знаете
Последни објави