Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Почнуваме пресметка со мафијата – нема запирање!

19/03/2025  23:11

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во централниот дневник на „Сител“ во рамки на „Тема на денот“ порача дека ќе се отворат сите претходни случаи, вклучително и трагедиите со модуларната болница и автобуската несреќа кај Ласкарци. Според него, нема да има запирање сè додека не се откријат сите детали и одговорните не бидат изведени пред лицето на правдата.

„Сите овие случаи кои што ги споменавте одблиску ќе ги следам. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме кој го оценил возилото како технички исправно, кој му дал дозвола на испитниот центар да работи под тие услови.

Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка? Зошто кабелот е виновен? Кој го направил проектот? Дали можеби недостасуваат некои елементи и ако да, кои се тие? Сите овие прашања мора да добијат одговор. Ќе има разврска. Нема ништо да оставиме“, истакна премиерот.

Мицкоски потенцираше дека оваа борба е прашање на опстанок – или за граѓаните и Македонија, или за криминалните структури кои, како што рече, нема да имаат повеќе простор за манипулации.

„Јас ви реков: Тргнавме. Нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат. Или ние ќе опстанеме – Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајцата повеќе“, порача тој.

На прашањето од новинарот дали стои зад своите зборови, Мицкоски беше дециден: „Да ме држите за збор.“