
Бугарија би можела да загуби 2,5 милијарди евра во форма на грантови од Социјалниот климатски фонд на ЕУ, затоа што доцни со подготовката на својот Национален план за социјална клима, предупредуваат еколошки невладини организации.
– Постои загриженост дека Бугарија нема да може навреме да го поднесе својот План за социјална клима до Европската комисија, што би значело губење на предвидените пари – се наведува во заедничката реакција на еколошките организации, меѓу кои и Светскиот фонд за природата (ВВФ), За Земјата и Хабитат Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, бугарскиот План треба да биде доставен до Европската комисија најдоцна до крајот на јуни годинава. Планот има за цел да им обезбеди финансиска помош на бугарските граѓани и компании кои се изложени на ризик од енергетска и транспортна сиромаштија.
Според статистичките податоци, 1,8 милиони луѓе во Бугарија, што претставува речиси 30 отсто од населението на земјата, спаѓаат во категоријата на енергетски сиромашни, поради нивните ниски месечни примања.
Експертот за енергија на организацијата За Земјата, Светослав Стојков смета дека треба да се создаде едноставна процедура, која ќе ги намали административните пречки со цел парите да бидат достапни за сите социјални групи, вклучително и за најранливите категории граѓани и лицата со траен инвалидитет.
Претходно месецов, бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев призна дека Бугарија би можела да загуби уште 4 милијарди евра грантови во рамки на Инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, поради доцнење во спроведувањето на предвидените реформи.
Ваквиот застој во реформите пред се се припишува на фактот што во изминативе неколку години Бугарија беше раководена од технички кабинети или политички влади со краток мандат.
Опстојувањето и на актуелната коалициска Влада станува неизвесно по минатонеделната одлука на Уставниот суд, со која популистичката партија Величие, која досега беше надвор од Парламентот, доби 10 пратенички места. Со ова, мнозинството на владејачката коалиција е сведено на апсолутниот минимум од 121 од вкупно 240-те пратеници.
Политичките експерти и аналитичари оценуваат дека ваквата одлука на Судот би можела да доведе до нови предвремени парламентарни избори во Бугарија, кои би биле осми од април 2021 година. Тоа би резултирало со формирање нова Техничка влада и веројатно дополнително одлагање на спроведувањето на реформите и можни дополнителни загуби на средства од европските фондови.
Инаку, Социјалниот климатски фонд на ЕУ е формиран со цел да ги поддржи напорите за правична транзиција кон климатска неутралност, помагајќи во ублажување на социјалните и економските влијанија на мерките за намалување на емисиите на штетни гасови. Средствата од Фондот се наменети за поддршка на ранливите категории граѓани, како оние што живеат во енергетска или транспортна сиромаштија, со цел да не бидат изоставени во процесот на зелена транзиција.