Skip to main content
Скопје

Општина Центар издвои милиони денари за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

19/03/2025  11:54

Општина Центар денеска одржа вонредна седница по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, на која советниците едногласно донесоа одлука за доделување парична помош во висина од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. Седницата започна со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.

„Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени”, истакнува Герасимовски. 

Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120.