Skip to main content
Свет

Приведен градоначалникот на Истанбул во антикорупциска акција

19/03/2025  08:07

Турските власти наредија притвор на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу и на околу стотина други лица, меѓу кои и новинари и бизнисмени, како дел од истрагата за корупција, објави порталот Сабах.

Советникот за медиуми на градоначалникот Мурат Онгун во раните утрински часови, денеска на социјалната платформа Икс напиша дека Имамоглу е приведен, за што не се наведува причина.

Имамоглу на Икс рече дека стотици полицајци се надвор од неговата куќа, додавајќи дека тој нема да се откаже, туку ќе се исправи пред притисокот. Според снимките во живо од Си-Ен-Ен Турк, десетици припадници на интервентната полиција биле пред куќата на Имамоглу. Полицијата го претресува неговиот дом како дел од истрагата, објави телевизијата.

Истанбулскиот универзитет вчера објави дека поради нерегуларности му ја поништил дипломата на Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, нанесувајќи и удар на опозицијата, која во наредните денови требаше да го избере за претседателски кандидат.

Без универзитетска диплома, градоначалникот на Истанбул од главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) не може да се кандидира за претседател. „Ќе ја однесеме оваа незаконска одлука на суд и ќе се бориме против неа“, рече тој, додавајќи дека одлуката на Универзитетот е незаконска.

Владата на Ердоган негира дека врши политички притисок врз судовите и тврди дека судството е независно. Одлуката е донесена во контекст на зголемената правна репресија против опозициските политичари, особено Имамоглу, против кого се покренати неколку обвиненија.