
На повик на студентите, стотици граѓани на Нови Сад вечерва се собраа на плоштадот „Слобода“ за да оддадат почит на жртвите од трагичниот пожар во Кочани. Со запалени свеќи, молк и солзи, присутните симболично испратија порака на сочувство и солидарност со настраданите и нивните семејства.
Во центарот на плоштадот беше положен венец со 60 бели цветови – симбол на секој изгубен живот во оваа незапаметена катастрофа. Граѓаните во тишина стоеја околу светлината на свеќите, кои трепереа како потсетник на изгубените млади животи.
Србија денеска го одбележа денот на жалост во чест на жртвите, а во бројни градови ширум земјата се организираа комеморативни настани. Нови Сад вечерва испрати силна порака дека болката не познава граници, а трагедијата што ја потресе Македонија ги обедини сите во заедничка тага и сочувство.
Присутните порачаа дека трагедијата во Кочани е опомена за потребата од одговорност и безбедност во јавните објекти, за да се спречат вакви катастрофи во иднина.