
Родители прават жив штит пред Кочанската болница и не даваат да се носат на обдукција во Скопје телата на нивните деца кои загинаа во пожарот во дискотека во Кочани. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ утринава загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, главнината од Кочани.
Родителите се гневни оти цел ден чекаат пред болницата и бараат да си ги земат телата на блиските за да ги спремат за погреб.
„Цел свет разбра зошто умреа и како умреа. Што ќе седиме уште тука. Децата не ги даваме“, реагираат тие.
Пред болницата има засилено полициско обезбедување, а дојдена е и обвинителка од Скопје која им ја објаснува процедурата.
Неколкумина од родителите заминаа на разговори со претставници на институциите да се договорат за понатамошните постапки.