
Црвениот крст ги стави во функција сите механизми за хуманитарна помош за повредените и семејствата на настраданите со нудење на прва психолошка поддршка, прва помош и материјална поддршка. Црвениот крст на РСМ достави и помош во болницата во Кочани со ќебиња, постелнина и инвалидски колички. Пред болниците во Скопје, Штип и Кочани отворени се пунктови на Црвениот крст каде граѓаните може да добијат дополнителни информации за нивно сместување, освежување, храна, прва помош и прва психолошка помош, информираат од таму.
„Возилата на Црвениот крст од програмата за санитетски транспорт се ставени во функција на институциите на системот.
Во првичниот одговор за справување со последиците од пожарот вклучени се 85 волонтери на Црвениот крст и дополнителен број на психолози од Комората на психолози на РСМ.
Отворени се наменски телефонски линии за прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје кои ќе бидат во функција 24/7“.
Црвениот крст на РСМ веќе е контактиран од страна на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина, Меѓународниот комитет на Црвен крст, Албанскиот Црвен крст, Бугарскиот Црвен крст, Црвениот крст на Србија како и поголем број на компании и граѓани да дадат поддршка за настраданото население.
Хуманиот одговор од страна на граѓаните, компаниите и здруженијата на граѓани, и овојпат се покажа како брз и ефективен со донации на храна, вода, сместување за членовите на семејствата на повредените лица, санитетски материјали, човечки ресурси и финансиска поддршка.
Отворени се телефонски линии за донации со повик на телефонските броеви на Македонски телеком и А1 Македонија143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик). Донации може да се направат и преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.