
Пионерскиот парк во Белград е блокиран од трактори кои пристигнаа во поддршка на група студенти што веќе осум дена кампуваат со порака дека „сакаат да учат“. Машините, распоредени околу шаторите, создадоа обрач околу движењето „Студенти 2.0“, кое бара крај на студентските блокади што со недели го попречуваат одвивањето на наставата на факултетите.
Овој контра-протест предизвика поделени реакции во јавноста. Дел од граѓаните ја обвинуваат владејачката Српска напредна партија (СНС) дека стои зад организацијата, но некои од учесниците негираат политичка вмешаност.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика студентите да го напуштат паркот во сабота и да се вратат следниот ден. Сепак, студентскиот претставник Милош Павловиќ изјави дека тие немаат намера да се повлечат. „Ние сме тука легитимно, ни зедоа сè и ќе останеме за да се бориме за нашите права“, нагласи тој.
Блокадата со трактори доаѓа само еден ден пред големиот протест на 15 март, кога илјадници студенти од цела Србија ќе пристигнат во Белград и ќе бидат пречекани на плоштадот Теразија. Според најавите, тие ќе спроведат тридневна блокада на главниот град.
Во меѓувреме, тракторите го окупираа центарот на Белград, а на социјалните мрежи се појавија коментари дека „ова личи на саем за земјоделска механизација“. Весникот „Данас“ тврди дека машините ги обезбедила владејачката СНС, цитирајќи изјава на земјоделец кој наведува дека тракторите биле собрани од повеќе градови во Војводина и транспортирани до Белград.
Додека студентите што кампуваат во паркот добиваат поддршка, илјадниците демонстранти кои ќе маршираат в сабота бараат отстранување на шаторската населба и превентивни мерки против нови окупации. Српскиот парламент најави дека од безбедносни причини ќе биде затворен до понеделник.