
По акцијата за канцерогениот мазут во која беа уапсени 11 лица, премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека бил шокиран од однесувањето на еден обвинител. Тој не сакаше да ги коментира судските одлуки со кои тројца добија затворски притвор, за едниот од обвинетите беше определен куќен притвор, а на останатите седуммина им беа определени мерки за претпазливост, но зборуваше за „првиот човек на едно обвнителство“.
„За мене се алармантни информациите кои што ги добивам кои што се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата која што ја спроведуваа МВР и БЈПБ пред две дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. Мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна“, рече премиерот Мицкоски на камен – темелникот за македонско – грчкиот граничен премин Маркова нова.
Синоќа Кривичниот суд им одреди 30 дена притвор на бизнисменот Ратко Капушевски – сопственик на фирмата РКМ, Ерџан Сулкоски и ексдиректорот на ЕСМ, Адријан Муча, на Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко Петрол“ му одреди мерка домашен притвор, а на останатите седуммина им одреди мерки за претпазливост. Осомничени се за злоупотреба на тендер за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Единаесетмината вчера беа уапсени во акција која се спроведуваше во Скопје, Велес и Кичево.
Премиерот Мицкоски рече дека ќе почека да заврши истрагата за да даде коментар за тоа дали уапсените ќе одговараат за злоупотреба на службена должност или пак ќе им се стави на товар и труењето на граѓаните со канцероген мазут.