Skip to main content
Спорт

„Вака умре Марадона“: обвинителот ја шокира Аргентина на почетокот на судењето

12/03/2025  12:38

Денеска во Буенос Аирес се одржа првата седница од судењето на лекарскиот тим за смртта на легендарниот Диего Марадона. На почетокот обвинителот Патрисио Ферари ги шокира присутните. Обвинителот покажа фотографија од Марадона во моментот на неговата смрт, која предизвика силни емоции кај семејството и кај присутните.

„Вака умре Марадона“, рече Ферари додека ја држеше фотографијата, нагласувајќи дека тешката здравствена состојба на Марадона е очигледна и дека никој од обвинетите не може да тврди дека не знаел за состојбата на Марадона. Драматичната сцена беше емитувана во живо на Јутјуб каналот на Врховниот суд на провинцијата Буенос Аирес и брзо се рашири низ социјалните мрежи.

Осум лица се на обвинителна клупа, вклучувајќи лекари и медицински сестри кои се грижеа за Марадона во неговите последни денови. Меѓу нив е и неврохирургот Леополдо Луке, кој му бил доктор на Марадона.

Обвинителот Ферари во воведниот збор истакна дека по една година истрага е изготвено цврсто обвинение без противречности, врз основа на докази. Според Ферари, постојат силни докази дека обвинетите се одговорни за смртта на Марадона за време на неговото домашно лекување од 11 до 25 ноември 2020 година, во она што се нарекува „куќа на ужасите“.

Обвинителот заклучи дека „семејството и аргентинскиот народ заслужуваат правда“.

Марадона почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, поради кардиореспираторна криза во неговата резиденција во Тигре, ексклузивно предградие северно од Буенос Аирес, каде што се опоравуваше од операцијата за отстранување на хематом на главата.