
Вработен во компанијата Turkish Ground Services (Turkish Ground Services TGS) бил затворен во багажниот простор на авионот на Туркиш ерлајнс на летот од Истанбул за Атина. Неговите колеги случајно го затвориле во товарниот простор пред полетувањето, по што тој поминал речиси еден час во воздух на височина од 11.000 метри, на температури до-25 Целзиусови степени, пишува haberair.com.
Инцидентот се случил на 16 декември 2024 година, кога работникот Али Челиктен, заедно со шестмина колеги, бил ангажиран во товарење на багажот на летот ТК 1843. При уредувањето на багажот во багажниот простор, вратата била затворена однадвор, а авионот полетал додека Челиктен останал внатре. Во обид да привлече внимание, тој удрил во внатрешноста на авионот и повикал помош, но никој не го слушнал поради бучавата на моторот.
Откако неговите колеги забележале дека Челиктен не е присутен, ги прегледале безбедносните камери и откриле дека тој се наоѓа во товарниот простор на авионот кој веќе бил во воздух. Контролата на летот на аеродромот во Истанбул веднаш стапила во контакт со екипажот на авионот, кој во тој момент бил во грчкиот воздушен простор. Авионот бил пренасочен и принудно слетал на аеродромот Аднан Мендерес во Измир.
При слетувањето, Челиктен бил пронајден во хипотермична состојба меѓу багажот. Лекарските екипи му помогнале, а по 3,5 часа интервенција му била вратена делумната функционалност на нозете. Поради изложување на екстремни услови, лекарите му дијагностицирале потрес на мозокот и стеснување на крвните садови во мозокот. По инцидентот почнал психолошка терапија.
Полицијата зела изјава од Челиктен на аеродромот во Измир, по што ТГС организирала негово итно враќање во Истанбул. Неговиот адвокат Дидем Килич поднесе тужба до Обвинителството во Бакиркој, барајќи одговорност од компанијата TGS поради пропусти во безбедносните процедури.
Инцидентот предизвика големо внимание во јавноста и го покрена прашањето за безбедноста на вработените во копнениот сектор, особено во врска со процедурите за проверка по завршувањето на товарењето на багажот.