Skip to main content
Македонија

МВР со детали за вчерашната акција: Уапсени 11 луѓе, најдени пиштоли, муниција, документи и возила

11/03/2025  13:18

На 10.03.2025 спроведена е полициска акција од страна на Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО за ГОКК, при што врз основа на обезбедени наредби од Основен кривичен суд извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Битола и Кичево, кај правни и физички лица, во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати. Во рамки на акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор. До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила.

Од страна на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесена е кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички и едно правно лице и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с. Пласница.

МВР по насоки на надлежниот јавен обвинител ќе продолжи со преземање на понатамошни полициски активности и дејствија со цел обезбедување на други докази поврзани и со други кривични дела, информираат оттаму.