На свештеник од СПЦ не му било дозволено да го посети Ѓоковиќ за Божик

Српската православна црква (СПЦ) објави соопштение во кое истакнува дека австралиските власти го одбиле барањето православниот свештеник од Мелбурн, Милорад Лончар, да го посети Новак Ѓоковиќ во хотелот за мигранти, денеска кога православните христијани го прославуваат Божик.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека денеска, на денот кога српските православни верници го празнуваат благословениот празник Рождество Христово, со благослов на Неговото Високо првосвештенство епископ Силуан, поглавар на соборниот храм Света Троица во Мелбурн, протојерејот Милорад Лончар, по побарана дозвола за посета на Новак Ѓоковиќ, е одбен со образложение дека никој не смее да влезе во објектот кој е притвор за мигранти, поради важечките ковид-рестрикции. Известени сме дека за никој од притворените не се дозволени верски посети од јули 2021 година“, се наведува во соопштението на Црквата во кое се додава дека нема посебен простор, нема оддел, а за жал не е направен напор да се обезбеди место во рамките на миграцискиот прифатен центар каде што би можеле да се вршат посети од ваков вид.

Австралиско-новозеландската митрополија на СПЦ го осудува, како што велат од таму, кршењето на човековите и верските права, како и третманот на сите оние кои се притворени во приифатниот центар.

Вечерва во знак на молитвена поддршка ќе се одржи молебен пред прифатилиштето во кое во притвор е и Новак Ѓоковиќ, додаваат од Црквата.

Откако на светскиот рекет број еден му беше одбиена визата и му беше забранет влез во Австралија за да се натпреварува на првиот Гренд слем сезонава, неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ вчера одржа прес-конференција.

За денеска се најавени нови протести во Белград, а навивачите на Ѓоковиќ се собираат пред хотелот во Мелбурн каде е затворен српскиот тенисер.

Во меѓувреме, за прв пат откако пристигна во Австралија, тенисерот објави нешто на социјалните мрежи.

Ѓоковиќ на Инстаграм им го честиташе Божик на православните верници: „Мир Божји. Христос се роди. Среќен Божик. Божјата љубов нека ве крепи и исполни“, напиша тој.

Само неколку минути подоцна, тенисерот објави ново стори: „Благодарам на моето семејство, Србија и на сите добри луѓе ширум светот кои ми испраќаат поддршка. Ти благодарам мили Боже за здравјето“.

Треба да знаете
Последни објави