
Училиштата на грчките острови Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, што од почетокот на месецов беа затворени поради сеизмичка активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, ќе бидат отворени во вторник на 4 март, одлучија членовите на надлежните комисии при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.
Учениците ќе се вратат во училишните клупи, но од комисиите препорачуваат „училишните единици да се придржуваат до мерките на претпазливост од земјотреси, имајќи предвид дека опасноста од некои релативно посилни потреси, иако значително намален, не е целосно исчезнат“.
На заедничкиот состанок на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулкански активности во надлежното Министерство била разгледана актуелната ситуација и членовите едногласно констатирале дека „сеизмичката серија во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос покажува дополнителен пад и се задржа на ниско ниво во последните две седмици“.
Паралелно потсетија на превентивните мерки за граѓаните, односно да ги избегнуваат напуштените објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, поради опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.