Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Во вториот повик до сега аплицирале 34 општини со 179 проекти, обезбедуваме пристојни услови за живот

27/02/2025  13:59

„Првиот повик е завршен, вториот повик е во тек, проектите во вредност од 6 милијарди денари веќе до општините се пренесени по различни програми, дел од општините ги завршија тендерските постапки и почнуваат со реализација на тие проекти”, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата  одговарајќи на денешната седница за пратенички прашања.

Мицкоски вели дека не може во 21 век да се зборува за вештачка интелигенција, а граѓаните да немаат пристојни услови за живот.

„Огромен е интересот на граѓаните и буквално има состојба каде што излегуваат од куќите да се заблагодарат, бидејќи ниту имале канализација, ниту имале асфалт, дел од нив ниту вода имале. Сега добиваат основни услови за живот. Тоа е она кое што секоја Влада и локална самоуправа треба да го обезбеди, луѓето да имаат основни услови за живот”, дециден е тој.

„Не може во 21 век ние да зборуваме за вештачка интелигенција, за напредна технологија, а дома имаме примери каде што луѓето газат кал, при првиот дожд се поплавени дома и немаат вода за пиење”, рече премиерот.

Мицкоски додаде дека овој проект бил потребен и според информациите кои што ги има, до сега во вториот повик имаат аплицирано 34 општини или вкупно 179 проекти.

„Ова беше потребно, да инвестираме во капитални проекти за да ги подобриме условите за живот на нашите сограѓани. Заклучно вчерашниот ден имаме 34 општини кои што поднеле предлог проекти за финансирање кои ќе бидат дел од вториот повик, таа бројка беше 179 проекти”, истакна Мицкоски и додаде:

„Со овие 15 милијарди денари кои се обезбедени на различни потпрограми во буџетот на различни министерства, ние доаѓаме до 21 милијарда денари само од овој проект, плус дополнителни програми кои си ги имаат министерствата”.