Skip to main content
Свет

Полска го презеде патролирањето со воздушниот простор на балтичките држави

26/02/2025  12:54

Полските воздухопловни сили ќе патролираат во воздушниот простор на балтичките држави во рамките на операцијата „Балтичка воздушна патрола“, најави полскиот министер за одбрана, Владислав Косињак-Камиш.

-Полските авиони Ф-16 ќе летаат над Литванија, Летонија и Естонија. Четири авиони ќе бидат распоредени како дел од полскиот воен контингент во Литванија, чии операции почнуваат кон средината на март, рече Косињак-Камиш, додавајќи дека операцијата ќе трае до средината на јули, пренесе Еуроактив.

Во оваа мисија за поддршка на безбедноста на балтичките држави Полска ќе испрати 150 војници, што беше одобрено на состанокот на владата, прецизира министерот.

 -Оваа мисија на НАТО ја покажува солидарноста на сојузниците. Не се работи само за подготовка за кризни ситуации, туку и за обезбедување безбедност, рече Косињак-Камиш.

 Косињак-Камиш додаде дека операцијата „Балтичка воздушна патрола“ е една од причините зошто Полска во моментов не изјавува дека ќе испрати војници во Украина како дел од мировната мисија, за која моментално се разговара меѓу лидерите на ЕУ и НАТО.

Тој додаде дека учеството во мисијата „Балтичка воздушна патрола“ е договорено со полскиот претседател Андреј Дуда. Според правилата за распоредување на полскиот воен контингент во странство, одлуката ја донесува претседателот, врховен командант на вооружените сили, на предлог на Советот на министри.