
Прес-конференција на СДСМ, Фатмир Битиќи, пратеник
На денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија, сведочевме на уште еден показател за отуѓеноста на владејачкото мнозинство од реалноста во која живеат нашите граѓани. Наместо да донесат одлука која би им помогнала на семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените на Законот за ДДВ, со кои предлагавме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи.
Оваа одлука беше шанса да се стави крај на скапотијата и да се намалат трошоците за семејствата. Меѓутоа, владејачкото мнозинство избра да продолжи со игнорирање на реалноста и да покаже негрижа за потребите на граѓаните.
Во време кога цените на храната растат без контрола, а електричната енергија стана најскапа во регионот, мнозинството ги отфрли конкретните мерки кои веднаш ќе резултираат со помали сметки за струја и поевтина храна. Со предложените измени, намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства, што е значајна заштеда за многу семејства.
Истото важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше директно поевтинување на храната, со што над 3.000 производи, вклучувајќи основни намирници како леб, брашно, млеко и јајца, ќе станат поевтини.
Сепак, наместо поддршка за граѓаните, сведочиме на политички калкулации и отфрлање на предлози кои можат да направат позитивна разлика во секојдневниот живот.
Се ветуваа повисоки плати, но граѓаните денес купуваат помалку со истите приходи. Се ветуваше енергетска независност, но ние увезуваме повеќе струја. Се ветуваше подобар живот, а денес едно семејство мора да издвои 2,9 минимални плати за да ја покрие потрошувачката кошница од 63.773 денари.
Денешното гласање покажа дека владејачкото мнозинство не поседува политички сензибилитет за социјална правда и економска рационлност, не се интересира дали граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја, ниту дали храната ќе продолжи да поскапува.
Но, ние нема да кренеме раце. Остануваме на страната на граѓаните и СДСМ ќе продолжи да се бори за системски решенија како замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи за спречување на злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговски практики, поевтин “зелен картон” и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.