
Два земјотреси со јачина од 5 и 4,9 степени беа регистрирани утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос, во рамките на серијата земјотреси од изминатите најмалку три седмици.
Двата земјотреси беа во период од нешто помалку од час и половина, најсилниот беше во 6.46 часот, на кој му претходеше еден од 4,5 степени, додека кусо по 8 часот утрово беше регистриран уште еден, од 4.9 степени според Рихтер.
Најсилниот земјотрес во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос беше регистриран минатиот понеделник и беше со јачина од 5,3 степени според Рихтер.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од почетокот на серијата земјотреси во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, односно од 26 јануари заклучно со 15 февруари, биле регистрирани над 20.000 земјотреси, од кои над 17.400 биле посилни од 1 степен.
Поради сеизмичка активност, училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи и оваа седмица, трета по ред, се затворени.