Skip to main content
Свет

Руски дрон го нападна Чернобил – Зеленски предупредува на нуклеарна закана

14/02/2025  10:30

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „руски беспилотно летало вооружено со боева глава“ погодило дел од заштитниот саркофаг над деактивираниот реактор во нуклеарната централа во Чернобил.

„Штетата е значителна, но досега нивото на радијација не е зголемено“, изјави Зеленски, предупредувајќи на потенцијалните последици од ваквите напади.

– Единствена земја во светот која напаѓа такви области, која зазема нуклеарни централи и води војна без никакви последици е Русија – рече украинскиот претседател, споделувајќи видео од нападот на социјалната мрежа Х.

Зеленски исто така нагласи дека Русија продолжува со воената експанзија и „не покажува никаква промена во својата деструктивна и нехумана реторика“.

„Тоа значи дека Путин дефинитивно не се подготвува за преговори, туку сака да го измами светот. Затоа, сите оние кои ја ценат вредноста на животот мора да продолжат да вршат обединет притисок врз агресорот. Русија мора да одговара за своите постапки“, истакна Зеленски.

Од страна на Русија, засега нема официјален коментар за инцидентот.

Чернобил – историско потсетување на нуклеарната катастрофа

Чернобил останува симбол на една од најголемите нуклеарни трагедии во светската историја. Во 1986 година, експлозијата во нуклеарната централа ослободи огромни количини радијација, која се прошири низ цела Европа, со особено катастрофални последици за Украина и Белорусија. Илјадници луѓе се разболеа, многумина загинаа, а долгорочната контаминација предизвика штета што се проценуваше на околу 700 милијарди долари – сума која со инфлација денес би достигнала речиси 900 милијарди.

Поради ризикот од зрачење, над оштетениот реактор беше поставен огромен железен саркофаг за да спречи натамошно ширење на радијацијата. Сега, според Киев, токму тој саркофаг бил погоден од руски дрон, отворајќи нови стравувања за безбедноста во регионот.