![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/strumica-pozhar.jpg)
Општинскиот Инспекторат за животна средина на Општина Струмица за пет дена изрече глоби на три компании од 9.000 евра и 500 евра за управителот на правниот субјект, а на други им е наложено да постават филтри за да не го загадуваат амбиенталниот воздух.
Покрај компаниите, казнет е и еден граѓанин со 250 евра, а во повеќе наврати кај инспекторите е пријавено палење оган на отворено и горење најразлични материјали. Таков случај е забележан и денеска, кога по претходна пријава од општински инспектор, ТППЕ Струмица со едно против пожарно возило и тројца пожарникари гаснеле пожари на отворено меѓу селата Свидовица и Банско и во близина на Булеварот „Климент Охридски“ покрај одводниот канал. И на двете локации биле запалени сува трева, ѓубре и електричен столб. Пожарите се успешно локализирани и ликвидирани за кратко време по пристигнувањето на пожарникарите.
Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов на својот фејсбук профил објави апели за намалување на загадувањето.
Нема компромиси со некој кој сака да ја загадува и пали Струмица! Следува ригорозен пристап. Борбата е заедничка апелирам на соработка со централните институции!, објави денеска струмичкиот градоначалник.
Како што најави, секојдневно има вонредни надзори кои се спроведуваат од страна на Инспекторот за животна средина на Општина Струмица и резулатите од нив се објавуваат на официјалната страница на Општината.