![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/20241222081503_big_730x400_62.webp)
Официјален Пекинг денеска изрази „длабоко жалење“ поради одлуката на Панама да се повлече од кинеската инфраструктурна иницијатива „Еден појас, еден пат“. Овој потег следуваше само неколку дена по посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на оваа централноамериканска држава.
„Еден појас, еден пат“ е централна стратегија на Кина за проширување на своето глобално економско и инфраструктурно влијание. Преку овој проект, во кој се вклучени над 100 држави, се инвестира во изградба на патна, железничка и поморска инфраструктура, главно во земјите во развој, со цел да се обезбеди стабилен транспорт на кинески стоки.
Панамскиот претседател Хосе Раул Мулино вчера официјално ја потврди одлуката за повлекување на неговата земја од проектот, неколку дена по средбата со Марко Рубио, чија цел беше да го ограничи кинеското влијание врз Панамскиот канал.
– Кина силно се спротивставува на притисокот и присилата од страна на САД, кои имаат за цел да го нарушат и поткопаат соработувањето во рамки на овој проект, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џианг.
– Длабоко жалиме што Панама одлучи да не го обнови меморандумот за соработка со Кина, додаде тој на прес-конференција.
Претседателот Мулино изјави дека панамската амбасада во Пекинг веќе поднела официјално известување за повлекување од иницијативата, кое стапува во сила за 90 дена.
Според договорот, меморандумот за соработка се обновува автоматски на секои три години, но секоја од страните може да го раскине со три месеци предизвестување.
Марко Рубио ја поздрави одлуката на Панама, нарекувајќи ја „голем чекор“ во јакнењето на односите со Вашингтон.
– Се надеваме дека Панама, земајќи ја предвид целокупната ситуација и долгорочните интереси, ќе ја исклучи надворешната интервенција и ќе донесе исправна одлука, изјави Лин Џианг.
Претседателот Мулино посочи дека не му е јасно што го мотивирало неговиот претходник, Хуан Карлос Варела, да го потпише договорот со Кина во 2017 година, изразувајќи сомнеж за неговата корист за Панама.