Во октомври оваа година се одржуваат редовните локални избори, а партиите полека почнуваат да се подготвуваат за кадровската понуда.
Неодамна лидерот на владејчаката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека до крајот на месец мај се очекува да бидат познати голем дел од имињата кандидати за градоначалници.
Секако, од сите единици на локалната самоуправа најпримамливо е Скопје, не само заради буџетот туку и поради тоа што веќе е извесно дека актуелната градоначалничка Арсовска нема да добие уште еден мандат.
Според последните анкети, ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност пред останатите партии а тоа придонесе доста партиски функционери да изразат желба да “трчаат“ за градоначалник на Град Скопје.
Еден од нив е актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, за кого се шпеклулира дека токму тој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на главниот град.
Ѓорѓиевски се уште јавно не прокоментирал за таквото сценарио но од неговите акивности може да се заклучи дека тој има амбиции да стане татко на градот.
„Денес, заедно со колегата градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, бевме во посета на Шуто Оризари. Бевме да ги слушнеме проблемите на граѓаните, се сретнавме со нив и разговаравме за она што им е најпотребно. Остваривме средба и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина Ерџан Демир, при што ни беше презентирано и неговото работење и проекти кои се преземени во неговиот мандат до сега“ пиша на социјалните мрежи Ѓорѓиевски, кој воедно е претседател на ЗЕЛС и претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од претходно, во неколку јавно настапи свои абмиции за градоначалник на Скопје произнесе и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Перински важи за близок човек на Мицкоски, а своевремено беше и директор на ЈП Водовод и канализација, во период кога Арсовска го обвини за незаконско работење, а потоа ја растури соработката со ВМРО-ДПМНЕ.
Од втор план како иден можен кандодат за градоначалник на Скопје, се појави и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој во едно телевизско гостување кажа дека чест му било што неговото име се вртело како едно од имињата за кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа сметам дека се должи на сработеното во изминатиот период, бидејќи граѓаните сето тоа го перцепираат и знаат да ценат“ изјави неодамна Стефковски.
Пред некој ден Мицкоски рече дека деновиве треба да започнат внатрепартиските анкети за идните кандидати за градоначалници.
Од резултатите, но и од одлуката на Мицкоски и партиското раководство ќе се пресече кој од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бара довербата од скопјани за да го води главниот град.