Skip to main content
Македонија

Работна посета на Муртезани на Брисел

03/02/2025  15:26

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на 4 и 5 февруари 2025 година ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе оствари низа средби со високи претставници на Европската Унија, Европскиот парламент и Европскиот економски и социјален комитет.

Во рамките на дводневната посета, предвидено е министерот Муртезани да оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на која ќе се разговара за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ, Реформската агенда и следните чекори во преговарачкиот процес. Предвидени се средби и во Европскиот парламент со Тајс Роитен и Матеј Тонин, известители во сенка за Северна Македонија, како и со Карло Реслер, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ, на која ќе се разгледаат можностите за зајакнување на парламентарната соработка меѓу Скопје и Брисел и засилување на политичката поддршка во Европскиот парламент за напредокот на земјата.

Во агендата на МЕП Муртезани предвидени се средби и со Мати Масикас, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), со кого ќе разговара за актуелните политички и безбедносни предизвици во регионот, како и за геополитичките аспекти на проширувањето, а ќе има и состанок со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), Оливер Ропке.

Работната посета на министерот Муртезани на Брисел претставува уште една можност за интензивирање на дијалогот со институциите на Унијата и зацврстување на поддршката за европската интеграција на Северна Македонија.