Skip to main content
Македонија

Перински во Гостивар: Со изменет закон до поодговорни градоначалници и посреќни граѓани

03/02/2025  12:53

Во Гостивар денеска се одржа третиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.

Настанот е дел од циклусот активности насочени кон зголемена транспарентност и отчетност на локалните единици, унапредување на учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики, воведување на комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека целта на измените на законската рамка е да се зголемат демократските капацитети на локалните самоуправи и на граѓаните, што е во интерес на сите и оцени дека јавните дебати се исклучително битни со оглед на тоа дека можност за предлози и сугестии имаат сите засегнати страни, почнувајќи од градоначалниците, па сѐ до граѓанскиот сектор, односно граѓаните.

„Во моментот сме сведоци, за среќа на мал број градоначалници, кои се однесуваат девијатно и ја злоупотребуваат довербата добиена од граѓаните. Сметам дека сме на добар пат за креирање на многу квалитетно и издржано законско решение, кое во периодот што следи ќе одговори на потребите и на локалните самоуправи и на граѓаните”, истакна Перински, кој посочи дека законските реформи ќе бидат усогласени со позитивните европски практики применливи кај нас. 

Професорот Мемет Мемети, кој е дел од експертската група, оцени дека преку јавните дебати ќе се подготви законско решение кое ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните и ќе придонесе кон посилни и поавтономни општини.

Професорот Александар Спасеновски, истакна дека Македонија веќе има воспоставен и функционален систем на локална самоуправа, но сепак, неопходна е негова постојана еволуција и приспособување кон новите предизвици и потреби. 

„Затоа, преку еден широк и консултативен процес, во кој се вклучени сите релевантни актери – научната заедница, локалните власти и граѓанскиот сектор – се стремиме да изнајдеме решенија кои ќе го надградат постојниот систем и ќе го направат уште поефикасен, потранспарентен и подобро прилагоден на современите потреби на општините и граѓаните”, изјави Спасеновски.

Домаќинот на настанот, в.д градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, ја поздрави иницијативата за отворање на Законот и изрази поддршка за планираниот механизам за отповик на градоначалниците.