Skip to main content
Македонија

Потресна приказна од екс-обвинител: Од условна казна до злосторство

01/02/2025  00:25

Поранешниот обвинител од Охрид, Воислав Димоски, во својот најнов Фејсбук статус сподели потресна приказна од својата кариера – сведоштво за тоа како недоволната строгост во воспитувањето, но и во судските одлуки, може да доведе до трагични последици.

Димоски раскажува како на почетокот на својата кариера судел млад човек, кој им овозможил на своите врсници да користат хероин. Иако сите докази биле против него, судот му изрекол само условна казна. Неколку дена по пресудата, неговата мајка дошла во обвинителството, молејќи тој да не поднесува жалба, убедена дека нејзиниот син е жртва на завера.

„Ја испратив со совет да ги отвори очите и да не му верува премногу на нејзиниот син,“ пишува Димоски.

Години подоцна, истиот тој млад човек направил страшен злочин – откако не добил пари за дрога, ја завиткал сопствената баба во тепих, ја полеал со бензин и ја запалил.

„Еден колега, Бог да го прости, секогаш велеше дека најтешко од сè е да бидеш добар родител. Тежината се состои во одбирањето на размерот помеѓу гушкањето и строгоста! Бог да нѝ помага на сите!“, завршува Димоски.

Ова сведоштво отвора сериозни прашања – дали нашето општество премногу често замижува пред проблемите со зависноста и насилството? Дали правосудниот систем доволно ги штити жртвите? И најважно, како родителите да ја пронајдат вистинската граница помеѓу љубовта и строгото воспитување за да не станат неми сведоци на трагедии?