Skip to main content
Македонија

Отворен нов Центар за услуги во Општина Аеродром – над 100 административни услуги на едно место за 70.000 граѓани

26/10/2024  14:16

Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска го отворија новиот Центар за услуги во Општина Аеродром. Новиот центар ќе овозможи пристап до над 100 различни административни услуги на едно место, вклучувајќи услуги од МВР, Катастарот на недвижности, Централен регистар, Фонд за здравство, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и останати институции кои што се приклучени на националниот портал uslugi.gov.mk

“Она што јас сакам да кажам е дека ваквите канцеларии кои кога ќе се отворат насекаде, целата територија на државата, тогаш ќе можеме да зборуваме дека конечно во Македонија имаме реална борба против корупција. И ова е во таа насока, дигитализирањето, транспарентните услуги, сето ова што се случува ја намалува можност за корупција. Знаете како беше, тоа не така одамна, кога за 500 денара требаше да ви направи некој услуга и да извадите извод од родените. Така од прилика тоа функционираше. Исто така ќе ве потсетам на сите оние гужви и понижувачки моменти за македонските граѓани, кога мораше да вадат патни исправи, лични карти, возачки дозволи, сето тоа. Сега сето тоа е минато за многу кратко време, за 4 месеца, успеавме сето тоа да го сведеме во рамките на законскиот рок”, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

“Како жител на оваа општина, точно знам со што се соочуваа граѓаните од Аеродром, а тоа е да не можат ниту една услуга да добијат во рамки на својата општина и покрај тоа што станува збор за една од најбрзорастечките општини во државата со преку 70.000 жители, и затоа од огромно значење е што првиот од најавените Центри за услуги го отвораме токму тука, ќе бидат достапни повеќе од 100 услуги, од Фондот за здравство, Катастарот на недвижности, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како и многу други институции. ” истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

“Овој центар не е само место за издавање документи. Тука ќе имате обучени службеници кои ќе ви помогнат да научите како сами да ги користите електронските услуги. За оние на кои технологијата им претставува предизвик, нашите службеници ќе бидат тука да помогнат во целиот процес”, додаде министерот.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески изјави дека во рекордно кратко време успеале да создадат услови за да се отвори оваа канцеларија каде што граѓаните на Аеродром ќе можат да добиваат услуги од институциите.

Во следната фаза е предвидено да се поврзат и општините на националниот портал за услуги, што значи дека и општинските услуги ќе бидат поблиску до граѓаните преку ваквите Центрите за услуги.