Skip to main content
Хроника

Уапсениот хирург од Битола доби осумдневен притвор

30/01/2025  13:38

На М.С. (64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола кој беше приведен од полицијата поради сомневање дека примил поткуп, доби осумдневен притвор на барање на Јавното обвинителство.

„Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите, соопшти битолското обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство“, објави Обвинителството.

Полицијата вчера извести дека кај хирургот биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава.