Skip to main content
Македонија

Клековски: Одговорно тврдам дека ќе имаме и поголем буџет за набавка на лекови и лековите ќе бидат по пониски цени

26/01/2025  20:34

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија во однос на актуелната состојба со онкологија информираше дека Клиниката работи на регистарот на пациенти, што е првиот чекор.

„Вториот чекор е документирање и подобрување на работата на стручната комисија за одредување на терапијата. Таа треба да биде филтерот за подобноста за терапија зашто не сите пациенти се подобни за дел од оваа биолошка терапија зашто за тоа треба соодветни хистопатолошки и генетски испитувања“, кажа Клековски. Тој појасни дека мора да има јасни критериуми за вклучување во терапијата, а понатаму е претпоставката за бројот на циклуси потребен за терапијата.

На некои пациенти им треба помалку, на некои пациенти повеќе, но мислам дека можеме да направиме една предвидливост во системот и секако мора значајно да се зголеми буџетот за терапија. Јас одговорно тврдам дека ќе имаме и поголем буџет за набавка на лекови и лековите ќе бидат по пониски цени отколку досега што ќе овозможи волуменот да се зголеми дополнително. Имаме годишен раст од 5-7 отсто на бројот на пациенти годишно на рак, а Клиниката за онкологија е иста како и пред децении и инфраструктурно и со човечки капацитети. Проблемот расте, а капацитетот останува ист. Таму ни треба комлетно нов план и ние работиме на тоа“, посочи тој.
Клековски посочи дека првиот чекор е дијагностицирање, со Институтот за патологија и во моментов се мапираат капацитетите за хистопатолошки и молекуларни истражувања, се лоцираат тесните грла со цел да се скрати времето на чекање значајно, значи резултатите да бидат во најкраток можен рок.