Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски информира дека контролата спроведена кај производителот на зелката што неодамна беше вратена од Хрватска поради нејзина наводна неисправност и направените анализи покажала дека во посочената земјоделската култура, не открила употреба на забранети препарати за заштита.
-Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура, изјавил министерот.
Трипуновски рече дека не знае дали се работи за грешка на хрватските гранични контроли, но категоричен е дека кај посочениот земјоделец од земјава не се пронајдени недозволени пестициди, ниту, пак, направените анализи покажале употреба на забранети средства кај конкретниот градинарски продукт.
Минатата недела беше објавено дека во зелка од Македонија откриени се остатоци од пестицидот имидаклоприд што е забранет во ЕУ, а 0,029 мг/кг супстанца е пронајдена во примерок од зеленчукот што требало да заврши во хрватските продавници, јавија хрватските медиуми. Според нив, тоа се случило на хрватската граница, па инспекторите веднаш наредиле да се уништи целата пратка свежа зелка од земјава. Со одлука на Комисијата на ЕУ, забранета е употреба на имидаклоприд на сите култури што се одгледуваат на отворено.
Инаку имидаклопридот е забранет во Европската Унија од 2020 година поради неговите штетни ефекти врз здравјето и животната средина. Според истражувањата, овој пестицид може да предизвика невролошки нарушувања, оштетувања на срцето и бубрезите, како и проблеми со тироидната жлезда.а негпова долготрајна употреба може да предизвика сериозни респираторни проблеми па и смрт. Но и покрај забраната постојат индикации дека некои земјоделци сè уште го користат, најчесто поради недоволна информираност за последиците.