Skip to main content
Македонија

Тошковски: Со нова донирана опрема МВР ќе ја подобри истрагата на местото на настанот

22/01/2025  18:44

Денеска во Министерството за внатрешни работи беше извршено примопредавање на опрема за поефикасна истрага на местото на настанот во кривични дела кои вклучуваат оружје. Опремата ќе се користи првенствено од Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот во Секторите за внатрешни работи низ целата држава.

Опремата е донирана во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје”, кој го имплементира УНДП во рамките на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, чиј потписник е Македонија. Како донатор на проектот се јавува Мултилатералниот доверителен фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје на Западен Балкан, кој го сочинуваат Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка на Европската Унија.

Опремата, во вкупна вредност од над 200.000 американски долари, се состои од универзални и специјализирани несесери за истрага на местото на настанот, фото камери, како и компјутери и соодветна хардверска опрема што ќе се користи за обработка на местата на настанот, односно злосторството. Форензиката и истрагата на местото на злосторството играат клучна улога во системот на кривичната правда кога станува збор за случаи кои вклучуваат огнено оружје. Преку анализа на балистика, траги и отпечатоци од прсти, форензичарите и увидните екипи кои работат во овие единици обезбедуваат важни докази за да помогнат во решавањето на злосторствата како и во спречувањето на идното потенцијално насилство. Целта е ефикасно откривање на сторителите и нивно санкционирање, со цел подобрен кривично-правен одговор на злоупотребата на огнено оружје.

Дел од донираната опрема ќе се користи и за опремување на новите простории за симулација за истраги на местото на настанот, кои УНДП ги развива во Центарот за обука на МВР во Идризово.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека „Имплементацијата на овој проект е од огромно значење Министерството за внатрешни работи,  со што ја потврдуваме нашата определба кон остварување на целите од Патоказот за контрола на мало и лесно оружје, а особено кон усвојување на законската рамка за контрола на оружјето која ќе биде целосно усогласена со регулаторната рамка на ЕУ и стандардизирана во регионот, значително редуцирање на нелегалниот проток на огнено оружје, муниција и експлозиви како во рамките за Западен Балкан, така и пошироко и секако преку зајакнување на свесноста и едукативни активности со цел поефикасна контрола на малото и лесно оружје и спречување на нелегалната трговија со оружје.”

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан се наврати на долгогодишната соработка со Министерството за внатрешни работи во борбата против поседувањето, злоупотребата и ширењето на мало и лесно оружје во државата. „Како резултат на нашите заеднички напори, обезбедивме специјализирана опрема за истрага, организиравме сертифицирани обуки за полициски службеници и развивме софтвер за собирање и анализа на податоците. Ова резултираше со значително подобрени истраги и превентивни мерки кои имаат за цел да ја зајакнат безбедноста на сите граѓани. Денеска бележиме нов чекор во успешната соработка со Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот низ државата. Но, не застануваме тука. УНДП моментално ја финализира адаптацијата и опремувањето на балистичката лабораторија, која ќе служи за испитување на огнено оружје и муниција во кривична постапка. Следуваат и обуки за родова сензибилизација, како и надградување на полицискиот Модул за евиденција на инциденти, документи и активности, претходно развиен од УНДП, со нови функционалности за евидентирање случаи на родово-базирано и семејно насилство ” изјави Григорјан.

Предвидените активности и донации се дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје” и ќе придонесат за надградување на балистичките капацитети и оперативните активности на Одделот за форензички испитувања при МВР и кон подобрување на аналитичките, техничките и истражните капацитети на единиците за Истрагите на местото на настанот низ Републиката.