Skip to main content
Скопје

Во скопската општина Аеродром истовремено се градат основно училиште и детска градинка

22/01/2025  14:08

Општина Аеродром за првпат по подолг период истовремено работи на реализација на два капитални проекти – доградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин и на детската градинка „Изворче“ во Стар Аеродром. В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска изврши увид на двата објекта, при што од тимовите кои интензивно работат на двете локации беше информиран дека градежните активности се одвиваат според предвидената динамика, соопптија од таму.

Инаку, станува збор за исклучително значајни проекти за жителите на Мичурин и на Стар Аеродром.

Објектот „Изворче“ во рамките на детската градинка „Срничка“, што е изграден во 70-тите години на минатиот век и каде што во моментов се запишани околу 280 деца, за првпат добива целосно нов лик и проширување на згрижувачките капацитети за плус 170 деца, со што се очекува листите за упис да станат минато.

Градежните активности се одвиваат според утврдената динамика и во ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. Ова е едно од најстарите училишта во Аеродром, изградено пред 70 години и конечно прераснува во современ објект. Проектот се спроведува во две фази, при што ќе бидат изградени дополнителни 10 училници и 8 кабинети по предметна настава, како и други простории со различни намени.

Остануваме посветени на подобрување и осовременување на постојните згрижувачки и воспитно-образовни установи, а веќе се работи на подготовка на документацијата за отпочнување на проекти за изградба на нови градинки на територијата на Општина Аеродром.