Македонија и Австрија одиграа исклучително возбудлив и изедначен натпревар, кој заврши со реми 29-29, благодарение на голот на Кузмановски во последната секунда. Натпреварот беше драматичен до самиот крај, со наизменични водства и неизвесност која кулминираше со израмнувањето.
Македонскиот голман Никола Митревски, кој само неколку часа пред натпреварот се соочил со висока температура, го оцени резултатот како најреален исход од мечот.
„На крајот извлековме реми. Натпреварот беше изедначен во сите 60 минути. Се играше гол за гол, на крајот тие дадоа на 4 секунди до крајот, ние можеби на 4 стотинки. Најреално. Во првиот дел имавме 2-3 пати водство и од три разлика, но не успеавме да го задржиме. Имавме шанси да победиме. Во вториот дел го презедовме повторно водството, тие израмнуваа. На крај поведоа, ние израмнивме и тоа е тоа,“ изјави Митревски.
Тој откри дека, и покрај здравствените проблеми, не размислувал да се откаже од настапот:
„Пред мечот ‘горев’, но не мислев да се откажам. Сличен проблем имаа уште неколкумина од нашиот тим, но и тие стиснаа заби,“ додаде тој.
Митревски ја опиша и својата состојба пред натпреварот: „Ве молам, држете се настрана од мене. Пред неколку часа имав температура од 39,5 степени, но знаев дека морам да ѝ бидам на располагање на македонската репрезентација со оглед дека имавме неколку играчи со здравствени проблеми,“ рече тој.
Ова реми носи нови предизвици за македонската репрезентација, која покажа борбеност и тимски дух, дури и во најтешките моменти.