Цртаниот филм „Моана 2“, првично замислен како содржина за стрим-платформите, официјално достигна милијарда долари заработка на киноблагајните ширум светот.
Имено, продолжението заработи 445 милиони долари во САД и 567 милиони на меѓународно ниво, со што неговата вкупна вкупна вредност достигна 1,009 милијарди долари во светот, по осум викенди прикажување. „Моана 2“ е третото остварување на „Дизни“ во 2024 година коешто влезе во „клубот на милијардите“, по „Опаку наопаку 2“ (Inside Out 2) и „Дедпул и Вулверин“. Ниту една од соперничките продукциски куќи лани не ја достигна милијардата, иако „Јуниверзал“ (Universal) беше најблиску, со „Подлиот јас 4“ (Despicable Me 4) – 969 милиони долари.
Просечната оценка за „Моана 2“ на ИМДБ засега е 7 /10, од над 66.000 гледачи кои го оцениле филмот.
Двејн Џонсон и Аули’и Краваљо ги продолжија своите гласовни улоги како тетовираниот полубог Мауи и насловната хероина Моана, кои трагаат по нов скриен остров и се борат со проклетството. Сценариото е на Абигејл Барлоу и Емили Бер.