Зимска бура донесе снег, замрзнат дожд и ниски температури во големи делови на Соединетите Американски Држави.
Властите издадоа предупредувања за опасно време за околу 60 милиони луѓе, а вонредна состојба е прогласена во неколку држави, меѓу кои Канзас, Кентаки, Арканзас, Западна Вирџинија и Вирџинија.
Бурата се движеше од Средниот Запад кон Средниот Атлантик, при што Вашингтон се подготвува за денешните обилни снежни врнежи и студено време.
Канзас и северозападниот дел на Мисури се соочуваат со снежна бура, соопшти Националната метеоролошка служба. Патиштата се покриени со снег и мраз, а властите ги повикуваат жителите да избегнуваат патувања. Голем дел од главниот автопат во Канзас – Меѓудржавен 70 – е затворен цел ден поради обилниот снег и мразот.
Од јужниот дел на Охајо до Вашингтон се очекува таложење на снег од 15 до 30 см. Стотици училишта во областа однапред најавија дека нема да бидат отворени на првиот ден од неделата поради невремето, вклучително и јавните училишта во Индијанаполис, Индијана, Синсинати, Охајо, Вашингтон, Дистрикт Колумбија и Филаделфија, Пенсилванија.