Skip to main content
Македонија

Одземен пасошот на градоначалникот на Струга поради нови обвиненија

29/12/2024  00:20

Основното јавно обвинителство Струга достави предлог до Основниот суд во Струга за определување мерки на претпазливост против градоначалникот на општина Струга. Предлогот се однесува на одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, како и обврска обвинетиот да се јавува повремено во судот. Мерките се побарани поради опасност од бегство, имајќи предвид дека обвинетиот се соочува со повеќе обвиненија во текот на оваа година.

Во текот на вчерашниот ден, ОЈО Струга поднесе ново обвинение против градоначалникот, кој, како што се наведува, поставил спомен обележје во март оваа година на влезот на општинската зграда. Плочата поттикнала етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, што се квалификува како кривично дело според член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

Градоначалникот на Струга е долгогодишен јавен функционер и против него во текот на годината се водат повеќе судски постапки. ОЈО Струга веќе поднесе обвиненија за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за несовесно работење во службата. Поради овие постапки и сериозноста на обвиненијата, јавниот обвинител смета дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон.

Со ова последно обвинение, обвинетиот се соочува со девет активни судски постапки, и во секоја од нив му е запретена затворска казна. Основниот суд Струга го прифати предлогот на обвинителството и донесе решение со кое му беше одземен пасошот и му беше наложено да се јавува еднаш неделно во судот.