Skip to main content
Македонија

ЕВН го одложи најавениот 7 часовен прекин – Битола утре ќе има струја

25/12/2024  19:45

Планираниот најавен прекин во снабдувањето со струја кој беше предвиден за делови од Битола, меѓу кои улиците Илинденска и Седми јули, е одложен, пишува СДК.

„Планскиот прекин се одложува сè до подобрување на временските прилики. Во текот на утрешниот ден, корисниците на овие две улици ќе имаат нормално снабдување со електрична енергија“, се вели во известувањето до ЕВН.

Откако претходно порталот објави дека утре 7 часа без струја ќе останат повеќе делови од Битола и дека на овие две улици се ставени лепенки дека на 26 декември ќе има плански прекин на струјата од 8: 30 до 15 часот, на ова реагираа граѓани кои живеат во тој дел од градот, со стотици домаќинства и фирми кои имаат дуќани, жалејќи се дека ќе нема со што да се згреат зашто градот нема огранизирано парно греење, а и бизнисите ќе трпат загуби.

Попладнево, од ЕВН за СДК прво се изјасниле дека прекинот на струјата во Битола ќе биде поради реконструкција и модернизација на електричната мрежа и оти реконструкцијата и модернизацијата на мрежата е нивна секојдневна работа која се случува и во други делови на државата. На укажувањето од страна на СДК дека тоа се делови од градот кои нема како да се стоплат на друг начин, од ЕВН им било речено дека тоа е така и во другите делови до Македонија каде нема организирано греење, но мора да ја модернизираат и реконструираат мрежата.

Неколку часа подоцна, ЕВН одлучи прекинот да го одложи за период кога ќе бидат подобри временските услови.