Skip to main content
Балкан

Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби дека го претставува Белград

25/12/2024  11:42

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби „Српска листа“ дека е под команда на Белград, додека властите ја разгледуваат нејзината жалба против забраната за учество на претстојните парламентарни избори.

-Српската листа, за жал, го претставува широкиот опсег и високиот степен на мешање на Србија во внатрешните работи на Косово, изјави синоќа Курти на новинарите.

Централната изборна комисија на Косово во понеделникот и забрани на Српска листа да учествува на изборите на 9 февруари, наведувајќи го „националистичкиот став на партијата и блиските врски со Србија“. Партијата вчера поднела претставка до надлежните органи во Приштина.

Член на изборното тело рече дека не може да одобри „структура која отворено не ја признава државата Косово“.

Доколку повторно биде одбиено учеството на изборите, „Српска листа“ ќе има право на жалба по втор пат до Врховниот суд, чии одлуки се конечни.

Курти, исто така, рече дека Србија му дава азил на поранешниот потпретседател на партијата Милан Радојчиќ, чија екстрадиција бара Приштина, откако тој ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција во близина на манастирот во Банска, северно Косово, во септември 2023 година.