Skip to main content
Балкан

Објавени резултатите од пописот во Косово

20/12/2024  08:48

Населението на Косово е намалено во последните 13 години од 1,74 милиони на 1,6 милиони, покажуваат резултатите од пописот објавени вчера.

Претходно оваа година беше спроведен вториот попис откако Косово прогласи независност.

Агенцијата за статистика објави дека Србите го бојкотирале пописот „во значителна мера“ по повиците на српските политички партии да го сторат тоа. Агенцијата го процени вкупното српско население на околу 53.000, што е за 28.000 повеќе отколку на пописот во 2011 година.

Повеќето Срби живеат во четири северни општини – Лепосавиќ, Звечан, Зубин Поток и Северна Митровица. Таму ги има речиси 37.000, пренесува „Асошиејтед прес“.

Просечната возраст во Косово е под 35 години, втора најмлада во Европа. Просечната возраст на пописот од 2011 година беше близу 30 години. Пописот покажа и дека војната 1998-1999 година резултираше со 11.417 смртни случаи и 1.047 исчезнати. Материјалната штета се проценува на 5 милијарди евра.

Муслиманите се мнозинство, со 93,49 проценти. Православните христијани сочинуваат 2,31 отсто, а католиците 1,75 отсто.

„Резултатите од пописот претставуваат основа за развивање политики за реалните потреби на граѓаните“, рече премиерот Албин Курти.

Косово беше српска покраина сè додека 78-дневната воздушна кампања на НАТО во 1999 година не стави крај на војната меѓу српските владини сили и албанските сепаратисти во Косово и ги протераа српските сили. Белград не ја признава независноста на Косово, а односите помеѓу двете држави остануваат напнати и покрај напорите на меѓународната заедница да ги нормализира.