Skip to main content
Македонија

Николоски во интервју за Друштво на патишта – “Ја градиме Македонија” 

19/12/2024  13:48

Ако пред извесен период слушавме дека се работело, а во позадина структури од претходната политичка гарнитура се обидувала на сметка на грѓаните да се богати, сега тоа непостои и сега навистина се работи, вели во интервјуто за магазинот на Друштво за патишта, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

“Најголем дел од проектите што ги затекнавме и што беа закочени веќе ги откочивме и со посветена работа дадовме силна динамика на активностите на терен. И резултатите се видливи. Имаме огромни инвестиции во патната мрежа, во железничката инфраструктура, во развој на авиосообраќајот, гасификацијата и мислам дека дадовме силен инпут во развојот на локалната инфраструктура каде директно вложуваме 100 милиони евра во капитални проекти за општините само оваа година.  Нема сомнеж дека сето ова ќе влијае врз економскиот развој на државата. Следната година дополнително планираме да инјектираме уште 250 милиони евра директна помош за општините за реализција на капитални поекти. Имаме програма што ќе донесе нови инвестиции, нови работни места и просперитет”, потенцира вицепремиерот Николоски.

Тој најави завршување на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, од Градско до Дреново, како и пругата од Куманово до Бељаковце. Во интервјуто се осврнува на потребата за модернизација на коридор 10, но и за дозавршување на коридор 8.  

“Сметам и убеден сум дека изградбата на брзата пруга на коридор 10 ќе донесе силен инпут во економијата, силен развој на домашните компании, повеќекратни бенефити за граѓаните и целото стопанство. Не сакам да давам кокретни рокови ама брза пруга ќе настојувам да се изгради бидејќи ова не е само наш проект,  ова е регионална иницијатива и мораме да се приклучиме за да обезбедиме брз и ефикасен транспорт до Централна Европа и обратно.  Имав голем број на средби со нашите европски пријатели на оваа тема, на пример на последниот економски форум во Солун ја потенцирав оваа наша иницијатива и наидовме на огромна подршка и сметам дека ова е шанса која не смееме да ја пропуштиме.

Во однос на коридор 8, тој е стратешки за Македонија, за регионот и Европа. Несомнено за да има смисла коридор мора да биде изграден и да има целина, без тоа ја губи својата функција. И токму тоа е што го зборувам цело време дека сите земји заедно мораме да се фокусираме на изградбата на железницата ако сакаме да има функционалност. Во делот на источниот коридор 8 очекувам дека во духот на европските вредности и регионалниот развој ќе најдеме заедничко решение со Бугарија, а веќе имав средба со министерката од Албанија, со која разговаравме за иднината на овој проект и согласни сме дека коридорот 8 треба да го изградиме на ниво на функционален коридор”, вели  вицепремиерот Николоски.

Тој во интервјуто посочува дека претходно политиката се вмешала во проектите и поради тоа сите тие покажале слабости.

” Стручното мислење се изоставувало во креирање на квалитетни проекти. Ќе се сложам и дека преовладуваат многу нелогични прашања во однос на техничкиот карактер на проектите. Сведоци сме дека политиката премногу била вмешана во проектите и тоа се јавува речиси кај сите големи проекти за што јавно говорам. Недозволиво е да се прави криминал со државни проекти и тоа на сметка на граѓаните. А примерите токму тоа го покажуваат.  Она што е симптоматично одговорност никој не презема. Но тоа што е најважно за мене, за Владата и за граѓаните е да изградиме квалитетни автопати, да изградиме безбедна патна мрежа притоа да ги заштитиме државните интереси”- потенцира вицепремиерот Николоски.