Канатларовски: Секој повик во репрезентацијата сам по себе претставува голем мотив

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година, официјално во Скопје ги започна подготовките за октомврискиот цуклус на квалификации за пласман на ЕП. Нашите репрезентативци на 11. октомври, на тренинг центарот „Петар Милошевски”, ја дочекуваат Молдавија. На 15. октомври на гости играме против селекцијата на Грузија.

Селекторот на Македонија до 21 година, Драги Канатларовски даде свој коментар за претстојните предизвици на својата репрезентација.

„Натпреварот со Молдавија го дочекуваме со посебна желба и мотивација, со оглед на тоа што се случуваше на првиот меѓусебен наш дуел каде што забележавме несреќен пораз. Се надевам и верувам дека ќе успееме да одиграме квалитетно, борбено и максимално пожртвувано, остварувајќи победа против незгоден ривал. Сигурно дека нема лесен противник во овие квалификации и ниту еден меч не може да се добие лесно, па така ќе биде и на следните дуели против Молдавија и Грузија. За овој собир играчкиот кадар ќе претрпи промени. На наше големо задоволство двајца наши играчи, Марио Илиевски и Андреј Стојчевски се повикани во А репрезентацијата на Македонија. Имаме 10 фудбалери кои подолго време се носители на оваа генерација и 10 млади фудбалери кои полека ќе ги подготвуваме за следниот квалификациски циклус што следува. Што се однесува до Грузија, не очекува еден тежок натпревар, на кој ќе добиеме вистинска слика за нашиот тим. Секој повик за репрезентацијата, сам по себе претставува голем мотив. Играчите треба да разберат дека националниот тим секогаш е на првото место и треба со голежа желба и посветеност за се игра и бори за Македонија, без разлика кој е противникот на другата страна“, изјави Канатларовски.

Треба да знаете
Последни објави