НАТО распоредува 49 нови бригади во Европа

НАТО планира да ги зголеми своите сили со распоредување на 49 нови борбени бригади, што претставува околу 250.000 војници, со цел да се спречи руска агресија врз Европа.

Оваа информација ја објави Велт aм Зонтаг (Welt am Sonntag), повикувајќи се на доверливи планови на германското Министерство за одбрана, до кои дојде овој медиум. Основите на ова зголемување, како дел од заштитата на НАТО од можен напад од Русија, ги поставија двајца највисоки команданти на НАТО, американскиот генерал Кристофер Каволи и францускиот адмирал Пјер Вандије. Ова е една од главните задачи на новиот генерален секретар на Алијансата, Марк Руте, кој ја презеде функцијата минатата недела, пренесува тпортал.хр

Претходно се сметаше дека за НАТО се доволни 82 бригади, или околу 400.000 војници, но новите проценки покажуваат дека минималниот број на потребни сили е 131 бригада, со по 5.000 војници во секоја, што би значело вкупно околу 650.000 војници. Исто така, се планира зголемување на бројот на корпуси од шест на 15 и на штабовите на дивизии од 24 на 38.

Освен зголемување на бројот на војници, Алијансата планира да ги зголеми своите резерви на оружје, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, муниција, прецизно оружје и возила. Бројот на системи за противвоздушна одбрана, како што се Patriot, Iris-T SLM и Skyranger, би требало да се зголеми од 293 на 1.467. Исто така, се планира зголемување на бројот на хеликоптери од 90 на 104.

Во статијата се нагласува дека овие барања за зголемување важат за сите 32 членки на НАТО, а обврските на секоја држава ќе зависат од нејзините економски капацитети и бројот на население. За споредба, зголемувањето на силите на НАТО за 250.000 војници е еквивалентно на четири германски копнени армии (кои бројат 62.000 војници) и е двојно повеќе од целите француски вооружени сили (114.000 војници), а речиси половина од американската копнена војска, која брои 453.000 војници.

За опремување на новите сили од толкав обем, според стандардите на германската војска, би биле потребни најмалку 1.200 тенкови, 2.700 борбени возила за пешадија, повеќе од 3.000 оклопни транспортери и 900 артилериски системи од голем калибар, пишува “Defense Express”.

Според американските воени стандарди, би бил потребен сличен број на воена техника: 1.300 тенкови, 2.300 борбени возила, 5.000 оклопни транспортери и 1.200 топови и ракетни артилериски системи. Без оглед на стандардите кои се користат, се работи за огромни финансиски средства потребни за опремување на новите 49 борбени бригади.

Треба да знаете
Последни објави