Тече рокот од СОНК до Владата, ќе има годинава покачување на платите или ќе има штрајк во образованието?

Изминува првиот месец од учебната година, а наставниците и вработените во основното и средното образование, се уште се без предвиденото покачување на платите.

Од Министерството за образование и наука се децидни: Пари за зголемување на платите оваа година нема и дека тие ќе се покачат дури во март следната година.

Но со ваквиот став не се согласува Синдикатот за образование и наука.

Пред неколку дена Советот на СОНК ја одржа својата 30-та редовна седница, на која како што велат оттаму, главен акцент бил ставен на Барањето на СОНК за усогласување на платите во основното и средното образование, за 2024 година.

Според констатациите усвоени на Советот на Синдикатот, прифатено е барањето на Кабинетот на Премиерот за дополнителен рок за консултации во времетрање од една недела односно до крајот на месец септември.

Но во точката шест од заклучоците се наведува дека доколку во овој рок не се најде позитивно решение за членовите на СОНК, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за понатамошни синдикални активности, не исклучувајќи ги и најрадикалните, што во превод може да се толкува дека не се икслучени ниту протести и штрајкови на наставниците.

И додека рокот даден од СОНК истекува во одредени основни и средни училишта постои силен револт од страна на наставници и професори, кои сметаат дека зголемувањето на платите мора да се случи веднаш, а дел од нив не ја исклучуваат можноста и сами да се организираат во понатамошни делувања, независно од одлуката на СОНК.

Според претходниот договор (од почетокот на годинава) наставниците требаше да добијат зголемување на платите од 12 проценти кое треба да започне да се исплаќа со септемвриската плата.

Треба да знаете
Последни објави