Skip to main content
Свет

Аргентина излезе од рецесија

18/12/2024  21:49

Аргентина излезе од рецесија бидејќи забележа квартален раст од 3,9 отсто во третиот квартал од 2024 година, што беше подобро од прогнозата на аналитичарите кои очекуваа раст од 3,4 отсто.

Како што пренесува Блумберг, во третиот квартал од оваа година економијата на Аргентина паднала за 2,1 отсто во однос на истиот период минатата година, но овој пат резултатот е подобар од очекувањата на експертите кои предвидувале пад од 2,6 отсто.

Аргентинскиот претседател Хавиер Мајли, кој беше избран на функцијата во ноември минатата година, им вети на гласачите дека ќе стави крај на сиромаштијата и хиперинфлацијата со драстични мерки како што се значително намалување на бројот на државни службеници и замрзнување на јавните проекти.

Новите мерки доведоа до пад на животниот стандард на населението и губење на стотици илјади работни места во Аргентина. Њујоршката агенција, сепак, забележа некои знаци на економско закрепнување.

Платите почнаа да ја надминуваат инфлацијата, работните места постепено се обновуваат, а нивото на сиромаштија се намалува, пренесува Танјуг.

Економистите анкетирани од аргентинската централна банка предвидуваат дека втората по големина економија во Јужна Америка ќе се намали за три отсто на крајот на 2024 година, додека следната година очекуваат раст од 4,2 отсто.