Прва јавна расправа за Предлог законот за кривична постапка

Министерството за правда во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа-Мисија во Скопје, ја организираше првата јавна расправа за подрачјата на Апелационите судови Скопје и Штип за Предлог законот за кривична постапка.

Вакви расправи ќе се одржат и за подрачјата на Апелационите судови во Битола и Гостивар. На настанот присуствуваа судии, обвинители, адвокати, полициски службеници и претставници на граѓанскиот сектор.

Јавната расправа ја отвори заменик министерот за правда Ален Дерабан кој во своето обраќање се осврна на клучните измени на ЗКП чија цел е имплементирање на директивите на ЕУ како и отстранување на недостатоците кои беа детектирани во досегашната примена на законот.

,,Особено значајни се новините кои се однесуваат на замрзнувањето на имот и конфискацијата, електронската достава и дигитализација на кривичната постапка, унапредување на одредбите за посебните истражни мерки и зголемување на ефикасноста, зајакнување на процесните права на жртвите согласно стандардите на Европската унија и Советот на Европа, како и воведување на одредби за задолжително спроведување на финансиските истраги со цел сузбивање на корупцијата и економскиот криминалитет и други значајни новини,”рече Деребан.

Заменик министерот посочи дека справувањето со корупцијата и организираниот криминал се еден од врвните приоритети на оваа Влада а Министерството за правда интензивно работи на унапредување и изнаоѓање на соодветни законски решенија со цел сузбивање на овие појави.

Треба да знаете
Последни објави