Мислеле дека носи злато – се откриваат мотивите за убиството кај Мавровка

На паркинг-просторот пред трговски центар „Мавровка“ во центарот на Скопје, денеска претпладне е убиен скопјанец, чиј дедо е сопственик на златарница, пишува порталот СДК.мк.

Убиениот водел и неколку други бизниси, а полицијата сè уште не го соопштува неговиот идентитет.

Тројцата осомничени, наводно сите од Скопје, мислеле дека жртвата носел злато во колата. Нападот наводно го извршиле за да го ограбат. Но, откако го убиле човекот и го зеле пленот од колата, виделе дека торбата е полна со алат за продажба.

Убиениот човек наводно имал фирма во близина на седиштето на Општината во Аеродром, за продажба на разновиден алат за работа.

„Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. На подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне. Лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, уапсено е уште едно лице. На полицијата ѝ е познат идентитетот и на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово наоѓање“, соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот што следува во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот.

Мотивот за убиството е користољубие, според првите неофицијални информации.

МВР не открива како се уапсени двајца од тројцата осомничени, односно дали полицајците сепак ги раниле во престрелката. И нивниот идентитет засега не се открива.

Треба да знаете
Последни објави