Во грчкиот град Солун, на 30 ноември официјално беше отворено новото метро, кое се наоѓа во непосредна близина на археолошки локалитети од византиската и римската ера. Најавено беше дека патниците пред да се качат во возот ќе поминат низ подземен музеј со археолошки артефакти, што би го направило овој проект единствен во светот. Но, тоа не се случи – патниците не го видоа подземниот музеј, бидејќи мораа да минат низ тунелите на метрото поради технички дефект.
„Беа потребни две децении за да функционира и само две недели да се расипе“, стои во описот на видеото кое веќе стана вирално, пренесе хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
За време на изградбата на метрото, која почна во 2006 година, работниците открија бројни вредни археолошки артефакти, вклучително и пазар од византиската ера и римски гробишта.
Овие откритија ја забавија работата на проектот и поттикнаа дискусии за тоа како да се продолжи со изградбата со зачувување на богатото археолошко наследство. Решението е пронајдено во спој на модерно и историско – патниците треба да уживаат во артефактите пред да се качат во возот.
„Ова е можност Солун да стане втор Рим кога станува збор за антиквитети“, велат археолозите.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на посетата на метрото минатиот петок, истакна дека ова е веројатно единствен случај во светот – комбинација на метро и музеј.
Изградбата на солунското метро траеше речиси две децении, делумно поради финансиските тешкотии за време на грчката должничка криза во 2009-2018 година.
Изградено е на длабочина до 31 метар, што е подлабоко од првично планираното, така што археолошките локалитети би останале зачувани над тунелот.
Според изготвувачите на проектот, таквиот пристап обезбеди уникатна комбинација на модерен транспортен систем и историско наследство, што би можело да го направи Солун посебен на глобално ниво.