ВМРО-ДПМНЕ: Заев ја предводи најнеспособната влада во историјата на Македонија

Зоран Заев ја предводи најнеспособната влада во историјата на Република Македонија. Владата на СДСМ за овие две години стана симбол за неработа, криминал, непотизам и корупција.

Власта потроши 9 милијарди евра Буџет, а ништо нема направено со што ќе го подобри животот на граѓаните. Нема никаква позитивна промена во економијата, напротив сведоци сме на зголемени даноци, акцизи, поголеми трошоци и секојдневни задолжувања.

Во ситуација кога државата ги има најголемите буџети до сега, граѓаните наместо да стануваат побогати, власта ги товари со дополнителни давачки и тие се повеќе осиромашуваат. Како резултат на тоа над 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и едвај врзуваат крај со крај во месецот.

СДСМ со своето расипничко работење и секојдневно задолжување ја надмина психолошката граница од 50% од БДП на јавниот долг на државата, и тој достигна над 5 милијарди евра, но никој не знае каде завршуваат овие пари кои ќе мора да ги враќаат идните генерации.

Додека власта организира настани со кои се фали дека блеска, реалноста е дека Македонија има најнизок економски раст во Европа од срамни 2,05%, а капиталните инвестиции забележуваат катастрофално ниво на реализација. Власта во првите 4 месеци од 2019 година реализира мизерни 9,83% од капиталните инвестиции кои самите ги планирале, и ако продолжат со ова темпо нема да стигнат ни до 30% до крајот на годината.

Уште една потврда дека не блескаат ни говори и тоа што германските стопанственици во Македонија ја оценија со 0 работата на владата во економијата. Германските инвеститори го потврдија фактот дека оваа криминална власт ништо не работи и не е способна да ја води државната економија.

Во овие две години ништо не е сработено, наместо нови болници тие ги доуништија постоечките, нема нови училишта, а студентскиот град остана уште едно лажно ветување.  Воедно нема ниту 600 километри нов автопат, ниту пак 550 километри магистрални патишта, а не се способни ниту тие кои ги изгради ВМРО-ДПМНЕ да ги пуштат во употреба.

Република Македонија со оваа власт само уназадува. Граѓаните повеќе не може да живеат во бедата и мизеријата кои ги донесе СДСМ. Потребни се промени и тоа веднаш, СДСМ мора да си замине. Граѓаните и Македонија заслужуваат подобро.

Треба да знаете
Последни објави