Лукашенко: Ќе се кандидирам на претседателските избори во 2025 година

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, најави дека ќе се кандидира за функцијата на следните претседателски избори во 2025 година.

По гласањето на парламентарните и локалните избори за совети, Лукашенко им порача на новинарите да и пренесат на опозицијата дека ќе се кандидира, додавајќи дека противниците на владата нема да можат да спроведат ниту една од опциите за нејзино соборување.

– Ниту една нивна опција, па дури и најрадикалната, нема да помине во Белорусија. Гласањето завршува, дали сте виделе конфликти, обиди за конфликти, немири, како порано? Не ги видовте? И нема да видите. Знаеме да извлечеме заклучоци од нашите претходни грешки. Затоа, немаат на што да се надеваат, рече Лукашенко.

Тој додаде дека никаде во светот нема толку отворени и фер избори како во Белорусија и истакна дека мнозинството Белоруси им веруваат на властите.

Лукашенко е на чело на Белорусија од 1994 година.

Во Белорусија се одржуваат избори за пратеници на Долниот дом на парламентот и локалните совети.

Треба да знаете
Последни објави