Скопјанец осомничен за разбојништво

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишник за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од  Кривичниот законик.

На 4 септември, осомничениот влегол во маркет на булеварот „АСНОМ“ и веднаш се упатил во просторот кај касата и ја отворил. Сопственичката на продавницата, која работела и како продавач, му се спротивставила, но тој извадил нож со кој и се заканил, ја оттурнал и од касата одзел 16.300 денари колку што имало во тој момент.

Оштетената во меѓувреме излегла од продавницата и ја затворила вратата, обидувајќи се да го задржи во продавницата, но тој со сила ја турнал вратата, успеал да ја отвори и избегал од местото.

Бидејќи се исполнети законските услови, односно постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Треба да знаете
Последни објави